Дојде партнер за Криштопанс: Киселев е нов десен бек на Вардар!

Вардар потврди дека 23-годишниот Русин, Дмитри Киселев ќе биде нов член на екипата во сезоната која доаѓа.

Киселев доаѓа од редовите на Санкт Петербург, со статус на руски репрезентативец. Висок е 193 сантиметри, тежок 98 килограми и треба да биде сè она што му недостига на вториот десен бек во Вардар, Даинис Криштопанс.

Тој потпиша договор со траење до 2020 година и е третото засилување, кое клубот официјално го потврди, по Сергеј Горбок и Сташ Скубе. За Киселев со зборуваше и претходно, во доменот на шпекулациите, кои полека се остваруваат.

Во тој „пакет-гласини“ беа уште двајца негови колеги, левиот бек Санталов и средниот Житников, но со оглед дека Вардар досега се засили токму на овие две позиции прашање е колку тоа ќе се оствари.

Подготовките на црвено-црните за новата сезона почнуваат на 24 јули, во Скопје, а една недела подоцна ќе заминат во Словенија.