Дибиров не се предава: Вардар можеби пак ќе биде силен како досега – кој знае (ВИДЕО)

Словенецот Сташ Скубе е последниот од плејадата одлични ракометари на Вардар, кои најавија дека следната сезона нема да го носат дресот на клубот кој веќе подолг период се наоѓа во голема финансиска криза, потег кој наиде на разбирање на играчот со најголем стаж во тимот, Тимур Дибиров.

Русинот, кој веќе седум години е во вардаровиот табор, знае дека Скубе до последен момент чекал да види како ќе се одвиваат работите со актуелниот европски шампион, но дека морал да си најде нов клуб поради притисокот од семејството. На Дибиров тешко му паѓа тоа што му се случува на Вардар, но тој сѐ уште не се предава.

„Веројатно дојде време за некаква трансформација на Вардар. Сите што останавме до крај верувавме дека може да се случи тимот да биде квалитетен како порано. Сѐ е можно, па и Вардар пак да биде силен, иако сме свесни дека тоа ќе биде тешко. Не е само да ангажираш добри ракометари, туку за да имаш успех неопходна е и одлична хемија меѓу нив. А, тоа е најтешкото што треба да се направи при формирањето шампионски тим. Тешко ми е да гледам што се случува и жал ми е за луѓето кои ги навикнавме да доаѓаат во сала. Прво доаѓаа сами, па со сопругите и девојките, а на крајот и со децата. Доаѓаа за нас и за многуте големи ѕвезди кои гостуваа во Скопје. Тешко ќе биде да се вратат во сала, ако не можат да го видат тоа“, изјави Дибиров меѓу другото во разговор за „Балкан хендбол“.

Рускиот ветеран засега е еден од малкумината интернационалци кои немаат ангажман во друг клуб за следната сезона.