Петте настапи на Ф4-турнирот во Будимпешта и двете нијанси до европското злато ќе останат во спомените, а од вчера почна ново поглавје во историјата на ЖРК Вардар. Тимот се собра за почетокот на новата сезона, но со млади ракометарки, кои допрва треба да се развиваат и да жнеат резултати.

ЖРК Вардар се враќа на основите, ќе тренира, практично, „од нула“, од екипа со тинејџерки, кои постапно ќе се оформуваат во квалитетни ракометарки. За тоа ќе се грижи селекторот на македонската репрезентација и човекот кој ја водеше втората екипа, Вардар јуниор, додека таа постоеше - Симе Симовски. Вчера го одработија првиот тренинг на кој ги поставија насоките за работа. 

„Имаме одлични услови за работа во СЦ „Јане Сандански". Тука ќе ги имаме базичните подготовки, и ќе работиме на тактичко-технички план. Планирано е да одиграме и повеќе пријателски натпревари со екипи од домашното првенство. Сега екипата е млада, на хартија делуваме како аутсајдери, но со добар пристап и систем би требало следните сезонида имаме резултати. Потребно е и трпение секако да се стигне до резултатот“, вели Симовски.

Во неговиот стручен штаб се уште и поранешната репрезентативка, Драгана Пецевска, Александар Царчев како тренер на голманите и Марија Лојаница како кондициски тренер. Екипата е составена од 21 девојка, сите родени во 2002 година или подоцна.