Чупиќ: Сега одиме на победа и во Битола!

Иван Чупиќ го одбележа завршниот турнир во ракометниот Куп на Македонија. Ракометарот на Вардар беше прогласен за МВП или најдобар играч. 

Варда го крена пехарот по победата од 26-24 против Еурофарм Пелистер и најави дека следната цел на тимот е освојување на шампионската титула и тоа со победа во Битола веќе за пет дена.

„Честитки за екипата, одигравме добар турнир, дојдовме како фаворити и ги оправдавме очекувањата. Во финалињата секогаш сè е можно, бидејќи се работи за еден натпревар. Ние на наша страна имавме добра одбрана и одличен голман, дадовме и лесни голови. Во второто полувреме Еурофарм Пелистер си го покажа својот квалитет се врати во натпреварот и се бореше до крај. Ние бевме малку уморни, но на крај покажавме карактер и го задржавме водството. Заслужено го освоивме Купот“, истакна Хрватот од редовте на Вардар.

„Дуелот со Пелистер во Битола во четврток е само еден натпревар што не чека во низата до крајот на сезоната. Знаеме дека имаме добар резултат од првиот натпревар во Скопје. Целта на оваа екипа е што порано да го обезбедиме првенството, односно титулата, но тоа не го намалува фактот дека Пелистер е одличен тим. Ние сакаме уште во четврток и потоа на уште 2-3 натпревари да го покажеме нашиот карактер и да ги победиме сите натпревари до крај“, заврши Чупиќ.