Битола не е само на Пелистер: Е. Работник го покори градскиот ривал!

Во натпреварот за превласт во Битола, Еурофарм Работник го совлада Пелистер и најави дека допрва ќе има жестока битка меѓу градските ривали.

Со улога на гостин, Еурофарм работник му се реваншираше на Пелистер во првата половина од сезоната и го совлада со 25-22. Натпреварот беше тесен и изедначен, но се почувствува влијанието на искустните поединци кои го засилија Работник и во вториот дел направија клучна предност. Дејан Пецаковски предводеше со седум гола, Михајло Петровски додаде пет, а прв стрелец беше Реваз Чантурија со девет гола.

Со овој втор пораз во лигата, Пелистер остана на 39 бода, а Работник дојде на 37, со што остана отворена битката за првото место во последното коло. Пелистер има незгодно гостување кај Охрид, а Работник е огромен фаворит против Вардар јуниор на домашен терен.

Во преостанатите три меча од претпоследното, 17. коло, Охрид беше убедлив на гости кај Прилеп, со 29-21, Радовиш славеше во Велес, со 36-33, против Борец, а Пролет мораше да прави пресврт за да го добие Металург 2 со 27-26. Во последното коло ќе се решава само за првото место, бидејќи веќе се познати првите четири екипи, кои ќе продолжат во плејофот, заедно со Вардар и со Металург.

 

ТАБЕЛА: Пелистер 39, Е. Работник 37, Охрид 31, Пролет 31, Радовиш 23, Прилеп 13, Борец 10, Металург 2 7, Вардар ј. 3