Атман потврди: Се надевам дека во Вардар ќе заврши црниот период од мојата кариера

Рускиот среден бек и репрезентативец на Русија, Павел Атман, потврди дека е нов играч на Вардар, а во изјава за руските медиуми потенцира дека се надева дека со играњето во Скопје ќе ја реанимира својата кариера.

Станува збор за ракометар кој добро ја позна средината во која доаѓа, со оглед што во минатото има играно за големиот ривал на црвено-црните, Металург. Во „Јане Сандански“ доаѓа од германскиот прволигаш Хановер.

„Среќен сум зашто по тешките моменти во кариерата добив шанса да дојдам во Вардар, тим кој само што ја освои Лигата на шампионите. Гледам само позитивно напред. Разговарав со управата, со тренерот и се надевам дека ќе се вратам 'во живот' и ќе ја имам мојата стара форма. Со ова се надевам и дека ќе заврши црниот период во мојата кариера. Хановер очигледно не беше мој клуб, а Бундеслигата не беше моја. Се надевам дека сѐ ќе биде во ред во Вардар“, изјави Атман.

Трансферот на Атман е потврден и од директорот на Вардар, рускиот селектор Едуард Кокшаров.

„Павел е играч од највисока класа, кој, за жал, имаше многу проблеми со повредите во Германија. Очекуваме во нашпиот тим да се врати во посакуваната форма и да потсети на своите најдобри денови. Среќни сме што успеавме да го доведеме, тој ќе ни биде од голема помош, како на Вардар, така и на руската репрезентација“, изјави Кокшаров.