Алушовски: Одиме во Струга да го освоиме турнирот!

Вардар денеска отпатува за Струга за да почне да игра натпревари првпат по март, но и за да ја тестира својата нова физиономија, со неколку нови ракометари.

За разлика од своите главни ривали, Еурофарм Пелистер и Металург поставија привремена база во Маврово, вардарци од почетокот на подготовките тренираа во Скопје. Тренерот Стевче Алушовски вели дека подготовките уште не се до половина и допрва има уште многу работа.

„Имаме уште многу од подготовките, досега акцентот повеќе беше ставен на физичка подготвеност и на запознавање меѓу играчите, јас со играчите, запознавање со системот којшто ќе сакаме да го играме, одбрана, папад итн. Така што, не можам да кажам дека нешто специјално се сменило од првиот собир досега. Важно е дека сите се здрави“, вели Алушовски.

И навистина, запознавање им треба бидејќи во Вардар дојдоа девет нови ракометари, од кои тројца се македонски репрезентативци, но дури шестмина се странци (Вујин, Валчак, Јотиќ, Гаџа, Векиќ, Кантегрел), кои мора да се вклопат.

Најзвучното име е Марко Вујин, човек кој решавал големи натпревари, речиси, цела своја кариера ја мина во величини како Веспрем и Кил, но главното прашање е каква верзија од него добива Вардар, сега кога има 35 години и штотуку излезе од голема пауза поради сериозна здравствена состојба.

„Ќе повторам, уште е рано за нешто да тврдам. За да знам некој во каква форма е потребни ни се натпревари. Меѓутоа, се надевам и верувам дека во овој прв приод, ќе имаме барем едно полувреме од оној стариот Марко Вујин“, дополни Алушовски.

Натпреварите веќе се на агендата, прво овие пријателските и контролни, на струшкиот турнир, а потоа и официјалните, почнувајќи од Нексе на 29 август, за плсман на Ф4-турнирот во Струга.

„Ќе почнеме со Нексе, па потоа, се надевам, Ф4-турнирот во Задар, па веднаш потоа ќе почне новата сезона во СЕХА со две кола на 9 и 12, за на 16 септември да го играме првиот натпревар во ЛШ, кај Брест. Тоа е добар распоред на натпревари за да ја најдеме формата во оваа фаза од сезоната. А што се однесува до Струшкиот турнир, секако дека сите играчи ќе добијат шанса, ќе провериме кој, колку, како може. Резултатот не можам да кажам дека е незначаен, ние секако ќе одиме да го освоиме, ама сепак  резултатот ќе биде во некој втор план“, истакна Алушовски.

Вардар е слободен во денешниот прв ден од Струшкиот турнир, а почнува утревечер (21.15), со натпреварот против Еурофарм Пелистер 2. Во неговата група се уште и Охрид и Бутел. Во групата А се Еурофарм Пелистер, Металург, Струга и Прилеп.