Алкалоид немаше сили за чудесен пресврт во Охрид

Ракометарите на Охрид дојдоа до првата победа сезонава во дерби пресметките откако на свој терен вечерва беа подобри од Алкалоид о 28-24. 

Избранците на Борис Ројевиќ дербито го решија во првото полувреме во кое ја направија клучната разлика која скопскиот тим не успеа да ја стигне во вториот дел.

Алкалоид во ниту еден момент од натпреварот не беше во водство, а некаде до средина на првиот дел одржуваа негатива од 2-3 гола разлика. Сепак, во вториот дел од полувремето, Охрид имаше подобра завршница и дојде до предност од шест гола разлика (17-11).

Не се откажа Алкалоид и се обиде да стигне во вториот дел, но успеа да дојде само до три гола негатива (23-20). Во завршницата како да загубија сила, па Охрид ја врати предноста и го потврди триумфот.

Најдобар на теренот беше Тилен Стрмљан кој средбата ја заврши со 12 гола, го следеше Анте Иваковиќ со седум, додека за Алкалоид Дамјан Митев погоди шест пати, а Марко Митев дуелот го заврши со пет погодоци.

За Алкалоид ова беше втор пораз по дуелот со Вардар во минатото коло, додека Охрид дојде до деветтиот трумф со кој го прескокна токму Алкалоид на табелата и дојде до третата позиција зад перфектниот Вардар и второпласираниот Пелистер.