Алкалоид му даде 45 гола на Прилеп за најубедлива победа сезонава

Освојувачот на Купот на Македонија, Алкалоид со победа го отвори четвртото коло од домашното првенство и продолжи со максималниот ефект од почетокот на оваа сезона.

На домашен терен, Алкалоид славеше против Прилеп со 45-23 за свој најубедлив триумф во досегашниот дел од шампионатот. Натпреварот не понуди резултатска неизвесност бидејќи домаќинот отвори со 3-0, на средината од првото полувреме водеше со 9-4, а нешто подоцна првпат направи двоцифрена предност (16-6). И во второто полувреме продолжи доминацијата на тимот на Кирил Лазаров кој со неколку серии дојде до конечните +22.

Најефикасен во домашниот тим беше Никола Костески со седум гола, а Серафимов, Ѓорѓиев и Оливеира постигнаа по пет. Квасек со четири гола го предводеше тимот на Прилеп. Централен настан во петтото коло од ракометната Суперлига е дербито меѓу Вардар и Пелистер кое се игра утре во Скопје.