Јаховиќ беше брилијантен, Коњаспор го грабна целиот плен! (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец и играч на Коњаспор, Адис Јаховиќ со својата одлична игра му помогна на својот клуб во победата на гостувањето кај Аланјаспор од 1-2 и така освоија нови три важни бодови во борбата за опстанок.

Нашиот фудбалер имаше многу добар натпревар уште од самиот почеток, а најзаслужен беше за првото водство на гостите, откако врз него беше направен пенал, кој подоцна Ето го претвори во гол во 21. минута. Но само четири минути подоцна домаќините израмнија на 1-1 со голот на Даглас.

Сепак, Коњаспор преку Сахинер успеа да реализира еден од своите ретки удари кон противничкиот гол и така да стигне повторно до водство од 1-2. Пред самиот крај на полувремето Акбаба имаше можност да израмни со удар од белата точка, но не беше прецизен.

Вторите 45 минути поминаа во знакот на домаќините, кои притискаа постојано, но не успеаа да реализираат ниту една шанса, па Јаховиќ и неговите соиграчи стигнаа до целиот плен.

Мора да кажеме дека со оваа победа Коњаспор по 21 одиграно коло во турската Суперлига има освоено 20 бодови и се наоѓа само на еден бод од бегство од опасната зона.