Хајдук и Риека болно настрадаа, Ивановски и Жута отпаднаа од Лига Европа!

Иван Тричковски и Дејан Мојсов со Аек Ларнака и Даниел Аврамовски со Олимпија ќе останат едиснтвените македонски интернационалци кои преживеаја во Лига Европа, откако во подоцнежните термини од третото квалификациско коло, вечерва, болно настрадаа Мирко Ивановски со Хајдук и Леонард Жута со Риека.

Хајдук загуби од Стеауа со 2-1, резултат кој стои како конечен во двомечот, бидејќи на „Пољуд“ беше 0-0. Поразот ќе им падне тешко на Ивановски и неговите соиграчи, со оглед дека имаа добитни 1-1, се до 93. минута, кога Французинот Њор постигна гол, негов втор, за 2-1 за Стеауа. Претходно, Хајдук изедначи преку Саид во 82. минута, десет откако Мирко Ивановски ја напушти играта и се пресели на клупа.

Тешко ќе им падне и на фудбалерите на Риека, кои загубија од Сарпсборг со 0-1 на домашен терен, откако првиот дуел заврши со 1-1. И тие беа во добра ситуација, поради гол на гости, но во 83. минута Мортенсен им ја расипа забавата. Леонард Жута го одигра цел меч и доби жолт картон.