Елмас го напушта Фенербахче, на потег е - Манчестер сити!

Македонскиот бисер Елиф Елмас е крајно разочаран и незадоволен од неговиот статус во Фенербахче и одлучи да ги напушти редовите на турскиот гигант.

Како што денеска пренесуваат турските медиуми, ниту последните обиди на тренерот на Фенер Ајкут Коџаман, да го убеди да остане не вродиле со плод, па така големиот талент одлучил летово да побара нов ангажман.

Елмас дојде во Фенербахче пред почетокот на оваа сезона, но досега забележа само четири настапи, односно одигра вкупно 37 минути во турската Суперлига, што навистина е премалку за еден ваков бисер кому по секоја цена му треба минутажа.

Последниот состанок помеѓу Коџаман и претставниците на Елмас минал лошо, па така од следната сезона еден од нашите најголеми таленти ќе го гледаме во друг дрес, можно е тоа да биде и дресот на Манчестер сити, кој веќе подолг период се поврзува со трансфер на овој фудбалер.