Досегашниот голман на Пелистер замина во Бихаќ

Досегашниот голман на Пелистер, Илче Петровски е нов чувар на мрежата на Јединство, во првенството на Босна и Херцеговина.

Јединство се натпреварува во вториот ранг на фудбалот во БиХ, тоа е Прва лига. Ова лето доби нов тренер, нов спортски директор и неколку засилувања, па во перспективите е промоција во Премиерлигата.

Илче Петровски (28) доаѓа од редовите на Пелистер и треба да го направи појасен мозаикот кој е во составување за клубот од Бихаќ. Во моментов екипата се наоѓа на подготовки на Јахорина, а првенството почнува на 11 август.

Петровски дојде во Пелистер во јули 2016 година, а претходно бранеше во Гостивар, Царев Двор, Брегалница Штип, Башкими, како и во Поградец и во Кастриоти во албанското првенство.