Деби гол за Аврамовски, Олимпија продолжува во плејоф!

По Иван Тричковски, Даниел Аврамовски е вториот македонски интернационалец кој се пласира во плејоф-колото во Европа Лигата. Неговата Олимпија со убедливи 4-1 во Хелсинки го елиминира ХЈК, а тој постигна еден од головите.

Со вкупни 7-1, сметајќи ги оние 3-0 од првиот меч, во Љубљана, Олимпија убедливо го елиминира ХЈК Хелсинки и дојде на еден чекор до групите од Лига Европа. Нашиот Даниел Аврамовски овој пат активно учествуваше, постигнувајќи го вториот гол, во 72. минута. Ова е негов прв погодок на официјален натпревар за Олимпија, откако се врати од Војводина, пред новава сезона.

Следна задача за Олимпија сега е Спартак Трнава, од Словачка, екипата која доаѓа како поразена од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите и тоа од Црвена звезда.

Покрај Тричлковски и Аврамовски, шанса за пласман во плејоф-рундата имаат уште Леонард Жута со Ријека, која одигра 1-1 на гости кај Сарпсборг и Мирко Иваноски со Хајдук, кој ѝ гостува на Стеауа, по 0-0 во Сплит.