Дарко Димитриевски се враќа во Шпанија!

Македонскиот репрезентативец, Дарко Димитриевски, повторно ќе игра во шпанската ракометна лига, АСОБАЛ.

Од денеска, Димитриевски е член на екипата на Синфин, која што во новата сезона ќе се врати повторно во АСОБАЛ-лигата. Депортиво елементал Синфин, како што е целото име на клубот, отпадна од највисокиот ранг на шпанското првенство во 2017 година, но минатава сезона успеа да се врати. И тоа, во регуларниот тек заврши петта, но преку плејофот се избори за дополнителното место во елитата.

Димитриевски ќе биде важно засилување за овој тим, бидејќи е играч кој има искуство од АСОБАЛ-лигата. Во периодот од 2014 до 2015 година, пола сезона настапуваше во Пуерто Сагунто, а добрите игри оттаму го препорачаа во Адемар Леон, следната сезона. 

Оттогаш играше и во Чургу во Унгарија, во Металург, а на крај пола сезона играше во Хапоел Ашдод, во Израел. Синфин ќе ги почне подготовките на 30 јули, а потоа целта ќе биде опстанок во елитата. 

Димитриевски веќе две-три години е повикуван во поширокиот список на македонската репрезентација, а беше член на медитеранскиот тим, кој настапи во Тарагона летово. Со неговиот трансфер во Синфин, продолжува традицијата Македонија да има барем еден ракометар во АСОБАЛ, која почна со трансферот на Кире Лазаров во Сиудад Реал во 2010.