Загреб одамна не памети ваква инвазија: Од Бергамо доаѓаат преку 3.000 ултраси!

Првиот настап на Динамо Загреб после четири години во европската елита предизвика еуфорија во хрватската престолнина, редица на навивачи се формираше пред благајните на „Максимир“, ама невидена еуфорија за првиот дуел има и во Бергамо. Аталанта гостува во Загреб, а со себе ќе има поддршка од 3.000 италијански ултраси.

Хрватската престолнина веројатно одамна не памети ваква странска инвазија на навивачи која се подготвува од Апенините. Италијанските медиуми веќе објавија дека сите билети за гостинската трибина (јужната) за еден ден биле распродадени и тоа една недела пред гостувањето на Аталанта.

Според најавите во конвој во Загреб ќе дојдат 35 автобуси со ултраси, што е некаде бројка од 1.600 до 1.700 навивачи, а останатите 1.300 ќе допатуваат во сопствена режија. Навивачите на Аталанта за експресно време ги купиле 2.700 билети што клубот ги ставил на располагање за своите најверни навивачи, а уште 300 биле продадени откако клубот од Бергамо ги пуштил во слободна продажба.

Во последно време во доста добра бројка на гостински навивачи во Загреб, беа ултрасите на Ференцварош, некаде околу 1.500, а преку илјада беа и навивачите на Баерн пред четири години. Но веројатно освен сплитска Торцида, во модерната ера ниту еден гостински клуб до крај не го наполнил гостинскиот сектор, а тоа сега ќе го сторат приврзаниците од Бергамо.

Дуелот на Динамо и Аталанта се игра в среда од 21 часот.