„Салах да ја избричи брадата, личи на – терорист“

Египетската ѕвезда Мохамед Салах блеска во дресот на Ливерпул сезонава во која веќе постигна 24 гола и се израмни по бројот на погодоци во Премиерлигата со Хери Кејн, но сооглед на повредата на англискиот репрезентативец, крилото на „црвените“ сега има шанса да биде најдобар стрелец во оваа сезона во најсилната островска лига.

И додека Салах се велича на „Енфилд роуд“, а експресно стана еден од најомилените играчи меѓу навивачите на англискиот великан, од кои дел најавија дека во негова чест ќе станат и муслимани, во Египет еден колумнист направи вистинска бура со својот став.

Салах Монтасер е египетски новинар, кој работи за државниот весник „Ал Ахрам“, кој во својата колумна напишал дека „Салах мора да ја избричи терористичката брада“.

„Салах мора да ја избричи својата брада, за да не биде ставен во ист кош со екстремистите и терористите“, напишал меѓудругото Монтасер, а сето ова наиде на неверојатна бура на рекации, не само во Египет, туку и низ целиот свет.

Египет има проблем со терористички ќелии откако во земјата на северот на Африка се случи демократска револуција и од власт беше соборен долгогодишниот суверен Хосни Мубарак. Салах беше херој на Египет, откако лани ја однесе оваа земја на СП во Русија.