Нереди низ Скопје: Комити и Фемили се тепаа со Шверцери!

Вистинска драма се случувала попладнево низ улиците во центарот на Скопје, откако припадници на навивачките групи Комити, Фемили и Шверцери се обиделе и делумно успеале да се пресметаат меѓусебе. За среќа, првите информации се дека нема повредени и дека полицијата навремено реагирала да спречи уште поголем инцидент.

Денеска на програмата беа два високо ризични дуели, гледано од навивачки аспект. Вардар го пречека Шкупи на „Филип Втори“, а во Градскиот парк требаше да се сретнат Работнички и МЗТ Скопје, чиј меч подоцна беше одложен поради тоа што се расипале семафорите во салата „Градски парк“. Доволно на релативно мала територија да има можност за инциденти.

Според неофицијални извори, сѐ почнало за време и по мечот Вардар - Шкупи, кога од едната страна на мостот кај „Жабар“ се нашле припадници на вардаровата навивачка група и ултрасите на МЗТ, а на другата биле фановите на Шкупи, на кои и покрај тоа што им било забрането да присуствуваат на мечот, седеле кај зградата на „Водовод“ и провоцирале. 

Малку требало за да почне вистинска бркотница - Комити и Фемили (вториве откако дознале дека нивниот меч е одложен) се упатиле кон Шверцерите, кои се повлекле дури до крстосницата кај Судска палата, каде што се случила и главната пресметка. Сведоците кои биле таму велат дека сообраќајот бил запрен, навивачите биле растрчани по сите страни од улиците, но за среќа во инцидентот нема повредени момчиња.

Полицијата реагирала и го блокирала тој дел од градот во обид да ја смири ситуацијата и да не дозволи инцидентот да ескалира, по што толпата се растурила и секој тргнал на своја страна. 

Неофицијално, има приведено навивачи од сите три групи. 

Фото: Архива