„Не знаев дека Реал Мадрид е голем клуб, па затоа одбив да потпишам за 'кралевите'!“

Во ситуација кога денес и врапчињата на гранките знаат дека Реал Мадрид е еден од најголемите фудбалски гиганти во светот, тешко е да се поверува дека постои фудбалер кој одбил да потпише со овој клуб бидејќи не знаел дека е голем клуб.

Но, тоа е реалноста за поранешниот романски репрезентативец Георге Попеску, кој по три децении ја откри најголемата грешка во својата кариера, кога за неговиот потпис бил заинтересиран токму „кралскиот клуб“.

„Имав конкретна понуда од Реал Мадрид, кои многу сакаа да ме видат во своите редови, но јас тогаш навистина не знае речиси ништо за овој клуб. Мора да ме сфатите и да знаете дека тогаш Романија беше затворена, комунистичка земја до која информациите тешко доаѓаа. Тренер на Реал беше Џон Тошак, а имав неколку разговори со претседателот на клубот, но одбив да потпишам договор. Кој знае што ќе беше со мојата кариера ако не ја направев оваа грешка“; изјави Попеску.

По престојот во Универзитатеа Крајова, тој наместо во Мадрид заврши во дресот на ПСВ Ајндховен, а подоцна играше и за Тотнем, Барселона, Галатасарај, Лече, Динамо Букурешт и Хановер. За репрезентацијата на Романија настапуваше од 1988 до 2003 година и „собра“ 115 настапи.