Навивачките дивеења во Билбао земаа данок: Почина полицаец! (ВИДЕО)

Судирот на навивачите на Атлетик Билбао и ултрасите дојдени од Москва, да го поддржат Спартак на вечерашниот меч од Лига Европа добија неизбришлива црна дамка. Шпанските медиуми известија дека има еден мртов полицаец.

Според извештаите од Билбао, дошло до масовна пресметка меѓу 200 руски хулигани и навивачи на Атлетик. Локалната полиција брзо реагирала и се испречила меѓу нив за да ги разбие и немала многу успех.

Еден од полицајците добил срцев удар и многу бргу бил пренесен во болницата Басурто, но лекарите не успеале да го спасат.

Сето ова се случувало пред да почне натпреварот, по што биле уапсени најмалку пет лица. Баскиската полиција беше подготвена и очекуваше немири од руските навивачи, меѓутоа не успеа добро да се справи, со оглед дека излегоа многу видеа по социјалните мрежи на кои се гледа како ултрасите беснеат низ центарот на Билбао.

Мечот заврши со 2-1 за Спартак, но Атлетик оди во осминафинале од ЛЕ, поради победата на гости од 3-1.