Навивач на Фламенго починал 10 месеци по хулиганска пресметка на Копакабана

Бразилскиот навивач на актуелниот јужноамерикански првак Фламенго, Роберто Виеира де Алмеида починал синоќа од повредите здобиени пред 10 месеци на Копакабана, после хаос и жестока пресметка на навивачи на бразилскиот великан и еден од најпознатите уругвајски клубови Пењарол во минатата сезона од Копа Либертадорес.

Де Алмеида настрадал откако бил погоден со столица во главата во близина на славната плажа во Рио де Жанеиро, а после масовната тепачка тој бил хоспитализиран во болница со тешки повреди на главата. Семејството на 54-годишниот навивач вчеравечер објави дека тој починал после десет месеци минати во болницата.

Во масовната тепачка, во која било користено и ладно оружје, а се случија непосредно пред мечот на „Маракана“, бразилската полиција уапсила 142 уругвајски хулигани, а тројца од нив сè уште се во затвор во Бразил.

Инаку Де Алмеида бил колатерална жртва, зашто тој повеќе од 30 години бил организатор на фудбалски настани и откако избувната тепачката меѓу навивачите на Фламенго и Пењарол се „замешал“ за да ги раздвои две помали групи, но наместо тоа, добил повреди опасни по живот и сега починал.