Најактивната подгрупа на Комити побара оставки – сите до еден да си одите од Вардар! (ФОТО)

Една од најактивните подгрупи на вардаровите навивачи Комити, „Пиво“ побара оставки од прв до последен во најтрофејниот македонски клуб Вардар, откако црвено-црните вчера не добија лиценца од ФФМ и летово нема да играат во европските квалификации.

Вардар иако заврши како втор сезонава, остана без Европа поради тешката финансиска ситуација и хаосот што веќе подолго време го тресе клубот, па недобивањето на лиценцата поради неподмирените финансии кон фудбалерите сега е кулминација на проблемите во македонската фудбалска гордост.

„Пиво“ е подгрупа на Комити која е најактивна веќе подолг период, па загрижени за срамот кој го доживеа Вардар како прв клуб кој административно нема да игра Европа, иако спортски тоа си го заслужи побараа одговорност од сите во клубот и заминување комплетно, вклучително и сопственикот Сергеј Самсоненко.

„Поминаа скоро 24 часа од одлуката на ФФМ за недавање на лиценца за евро настапи на Ф.К. Вардар, но, како и секогаш, од управата на Вардар не видовме никакво официјално образложение и објаснување кон јавноста во врска со овој срамен чин, како и за своите навивачи, така и за стручниот штаб и фудбалерите, кои заслужија многу повеќе од настап во ЛЕ квалификациите. Оние небулози и правдања, да не речеме лажги со опашки, од страна на „извршниот“, кои ги прочитавме на некои од порталите, нема да поминат туку-така. Се разбира, секогаш мора некој друг да им биде виновен, бидејќи немаат друг начин како да си го исперат валканиот веш.

Се прашуваме, дали одговорните лица во клубот, како и сопственикот на Ф.К. Вардар, ќе имаат доблест да дадат изјави што се случува со клубот и каква е иднината на клубот, а воедно да си поднесат и неотповикливи оставки, бидејќи, откако падна власта(!?), клубот оди само во надолна линија. Тоа дава премногу сомнежи за матните игри на управата на Вардар кои ги имала и кои ги има се' уште, но и фактот кој за се' што се случува во клубот, нема никакви деманти или соопштенија кон јавноста и навивачите. Доколку не сте способни, а очигледно дека не сте, да го водите клубот, едноставно напуштете простор, или, ОДЕТЕ СИ сите до еден!

За Вардаровите „легенди“ нема ни потреба да им се спомнат имињата. Тие се само фигури во клубот, кои едвај и се појавуваат на некој натпревар на клубот преку кој ги направиле своите кариери и сега само си ги полнат џеповите и не прават и не направиле ништо за подобро утре на клубот. Таквите „легенди“ не му се потребни на Вардар, па може во пакет со горенаведените „директорчиња“ и „менаџерчиња“ да си ги спакуваат куферите од Вардар.

Бараме одговори и одговорност! Не би сакале повторно да се случи „Стража“ како пред десетина години, кој беше тотално изрежиран случај, со цел да се најде алиби или начин да се напушти клубот. Тие приказни се веќе прочитани.

На Вардар му се потребни луѓе кои ќе работат само за доброто на клубот! Џабе се сите тие Академии и Тренинг кампови, кога клубот пропаѓа поради неспособноста на самата управа“, се вели во објавата на подгрупата на Комити.