На планинарскиот ултрамаратон „Крали Марко“, прилепчани ги менувале знаците за тркачите да се изгубат!

На „Крали Марко ултратреил“, најголемата трка на планинарски ултрамаратон во Македонија локалните жители ги менувале маркациите на патеките, поради што им ја отежнале трката на ултрамаратонците, а неколкумина и не ја завршиле оти се загубиле на планинскиот терен, пишува СДК.МК

„Локалците секоја година прават проблеми со тоа што ги тргаат маркациите на патеките. Но, годинава се надминале во креативноста и ги менувале маркациите. На пример, ако маркацијата покажувала насока надолу, тие ја ставиле да покажува нагоре. Многумина тркачи имале проблем да се снајдат дури и со Џи-Пи-Ес, се загубиле, а и опасно е, оти најдолгата трка почнува во 23 часот и се трча ноќе во планински терен“, велат организаторите за порталот.

Трката ја организираат здружението ТРЕКС и планинарското друштво „Макпетрол“ во соработка со Општина Прилеп. Годинава е седмо издание, а една од трките носи квалификациски поени за славната ултрамаратонска трка на Мон Блан.

Овој ултрамаратон се трча на патеки од 16, 31, 65 и 110 км, а учествуваат на стотици тркачи од цел свет.