Марадона има уште едно дете: Кубански тинејџер тврди дека е вонбрачен син на Аргентинецот!

Аргентинската легенда Диего Армандо Марадона, кој во татковината е божество за сонародниците официјално има пет деца, ама неофицијално можеби уште неколку, а едно од вонбрачните деца се појави во јавност.

Се вика Сантијаго Лара (18), кубански тинејџер, кој во една емисија обелодени дека е вонбрачен син на Марадона и дека случајно го открил сето тоа.

„Кога пред пет години отидов да купам весник за мојата баба, како што секој ден го правев, се видов на слика во едно списание. Во него пишуваше дека јас сум наводниот син од Ла Плата (Аргентина)“, вели Лара.

Мајката на кубанското момче починала во 2003 година од рак на белите дробови, а откако дознале дека можеби е син на аргентинската фудбалска легенда, веќе е ангажиран адвокат.

„Мојата мајка го запознала Диего преку Ферито, близок пријател. Таа на мојот небиолоши татко една недела пред смртта му ја кажала вистината“, додава Сантијаго.

Најавил дека со ДНК-анализа ќе се обиде да докаже дека е син на фудбалското божество во Аргентина.