Малку фалело да се случи трагедија за време на интервју на Иниеста (ВИДЕО)

Една од најголемите легенди на Барселона и човекот без кого не беше возможна доминацијата на Каталонците во изминатава деценија во Ла Лига и европските и светски титули во изминативе години, Андрес Иниеста имаше интервју за емисијата „Честер“ и замалку сето тоа ќе се претвореше во – трагедија.

Херојот на Шпанија од СП 2010, давал интервју, а за потребите на истото била направена и импровизирана трибина. И додека ѕвездата на Барселона, која по 22 години заминува од каталонската гордост го давала интервјуто, премногу заинтересирани се напикале на трибината, која одеднаш се срушила. Од 50-на луѓе на истата, 18 завршиле со повреди, а само чиста среќа е што сето тоа не однело и некој човечки живот.

На лице место им била укажана лекарска помош, некои биле префрлени во болница и за среќа без тешки повреди. Поради инцидентот, Иниеста преку Твитер им упатил поддршка на сите што настрадаа во инцидентот.

„По ужасот што го преживеавме утринава, сакам да упатам поддршка за сите и охрабрување за сите кои бевме таму. Се надевам дека повредените ќе закрепнат што е можно побрзо. Ве гушкам сите“, напишал Иниеста.

Полицијата започнала истрага за да се утврдат деталите од несреќата и да се најде одговорниот за тоа.