Легендарниот Батистута ќе им готви на фудбалерите на Рома ако обезбедат финале во ЛШ!

Аргентинската легенда Габриел Батистута е легенда на Фиорентина, но единственото свое „скудето“ го освои со Рома, вториот клуб кој му е во срцето и за кој жестоко навива во следните две недели да обезбеди финале во Лигата на шампионите.

Римјаните додека се борат за место во ЛШ преку италијанската Серија А, уште повеќе размислуваат на претстојниот двомеч во полуфиналето во европската елита против Ливерпул. Рома завчера ја победи Џенова со 2-1, па во тренинг-центарот „Тригорија“ има една посебна традиција – некој фудбалер готви јадење за останатата екипа.

Тоа вчера бил Диего Пероти, кој закрепнува од повредата, па ја имал честа да биде главен кувар. Им подготвил на соиграчите традиционална аргентинска скара, а гозбата која ја подготвил со воодушевување ја прифатиле сите фудбалери. И нормално, целиот настан завршил со фотографии на социјалните мрежи.

Така Батистута најавил дека тој ќе биде „главниот кувар“ и ќе им биде на услуга на римјаните ако се пласираат во финалето. Батистута најавил фантастичен ден на кој сите ќе уживаат.

„Ако се пласира Рома во финале на ЛШ, доаѓам во 'Тригорија' на сите да ви направам ручек“, најавил Бати-гол.