Крадци му украле „фудбалско богатство“ на Парагваец – 900 дреса од фудбалски ѕвезди!?

Бившиот парагвајски фудбалер и репрезентативец Едгар Бенитез останал без своето најголемо „фудбалско богатство“ и тоа во најтешките моменти во светот во борбата со пандемијата со Ковид-19, откако непознати крадци му ја украле неверојатната колекција од 900 различни дресови на фудбалски ѕвезди.

Бенитез, кој има 32 години и во кариерата одигра 58 меча за националниот тим, имал неверојатно вредна колекција на дресови, која ја чувал во семејната куќа. Но, во ек на нејзино реновирање, кога дошол Парагваецот да види до каде се работите со реновирањето сфатил дека е ограбен.

Откако пријавил во полиција, а почнала истрагата, полицијата уапсила две лица поврзани со грабежот и нашла само 65 дреса, кои му ги вратила на Бенитез, ама највредните ги немало, што посебно го растажило бившиот репрезентативец. Меѓу дресовите кои ги имал биле и тие од Лео Меси, од светскиот првак Пол Погба, потоа бразилската суперѕвезда Роналдињо...

Тоа што најмногу го заболело е што на социјални мрежи, самиот Бенитез фатил дека се продаваат дресовите од неговата колекција и тоа за смешна цена од по 40-на евра.

„Тие дресови беа мојот цел фудбалски живот, 15-годишна кариера и – ми ги украдоа. Полицијата најде 65, од луѓе кои ги поседувале и ги продавале на социјалните мрежи“, рекол Парагваецот.

Еден од двајцата засега уапсени е човек што бил меѓу низата работници кои работеле на реновирањето на неговиот семеен дом.