И легендарниот Кафу во големи проблеми – му запленија имот во Бразил

Бразилската легенда и екс-фудбалер на Рома и Милан, Маркос Евангелиста Кафу (49) се најде во големи проблеми во родниот Бразил, откако судот во најфудбалската земја му запленија имот поради долгувања на агенцијата која ја раководи.

Според бразилските медиуми, судот веќе му запленил пет имоти поради пропаѓањето на агенцијата „Капи Пента Интернешнл Фудбал“, која Кафу ја водел со сопругата Реџина, но ризикува да загуби уште 15 имоти кои ги поседува.

„Ова е мој проблем. Ако треба сѐ ќе продадам, имот, куќи, автомобили – што и да е. Јас сум тој што решава“, рекол Кафу.

Тој моментно е амбасадор на СП 2022 во Катар, како промотор на следниот Мундијал, а во кариерата одигра преку 400 меча за Рома и Милан, освои две скудета, еден трофеј во ЛШ и важеше за еден од најдобрите десни бекови на светот. Има две светски титули со Бразил од трите финалиња кои ги играше.

Кафу е втора бразилска легенда која има сериозни проблеми, после Роналдињо, кој прогласи банкрот, а судот му забрани да го напушта Бразил додека не плати милионска казна за загрозување на животната средина и бесправно градење.