Великаните не направија Суперлига, ама ФИФА ќе им удоволи со – нов клупски Мундијал!

Светската фудбалска федерација (ФИФА) најави дека планира да направи реорганизација на своите натпреварувања, а проширувањето на вистинскиот Мундијал на 48 земји беше почеток, па сега светската организација ќе им удоволи на европските великани да играат на нов клупски Мундијал, кој според тоа кој се ќе учествува е еден вид на Суперлига!

Новото клупско СП со 24 селекции треба да го замени Купот на конфедерации од 2021 година, а иако сè уште не е дефинирано како целиот клупски шампионат би изгледал, шпанска „Марка“ веќе објави каков ќе биде составот на учесниците, во кои од Европа ќе има половина (12) и сите тие се – европските гиганти.

Дванаесетте величенствени европски гиганти ќе бидат четирите европски прваци од последните четири сезони, четирите финалисти од тие сезони, плус четирите екипи со најдобар коефициент. Ако денеска треба да се одредат патниците, тоа би биле четири шпански екипи (Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид и Севилја), два германски (Баерн Минхен и Борусија Дортмунд), два англиски (Манчестер сити и Арсенал) и два португалски (Порто и Бенфика), по еден француски и италијански тим (ПСЖ и Јувентус). Ова е е комплетна Суперлига, но клубовите од едно вакво натпреварување ќе имаат и тоа како голем бенефит, па нема да биде изненадување, ако и овој Мундијал подоцна се прошири и сите европски гиганти од славната Г20 (Челси, Манчестер јунајтед, Ливерпул, Интер, Милан...) добијат места во вакво натпреварување.

Јужна Америка би имала пет претставници, а тоа би биле четите последни јужноамерикански шампиони, плус најдобро рангираниот тим од зоната КОНМЕБОЛ. Во моментов тоа би биле Национал, Ривер плејт, Сан Лоренцо, Атлетико Минеиро и Бока јуниорс. Но, и тука како и во Европа во следно проширување места може би добиле и Сантош, Фламенго, Пењарол...

Африка, Северна и Средна Америка и Азија ќе имаат по два претставници, двата последни континентални шампиони. Во моментов тоа би биле Видад Казабланка и Мамелоди (Африка), Урава и Јеонбук (Азија) односно Пачука и Америка (КОНКАКАФ), а Океанија би имала еден претставник, а моментно најдобар е Оукленд Сити од Нов Зеланд.

Сето ова значи дека ФИФА со новите реформи веројатно настојува да направи сериозна фудбалска реорганизација, а најавено е дека европската Лига на нации ќе се прошири на светска Лига на нации, што значи дека репрезентациите ќе имаат сосема нов формат покрај стандардните квалификации. Сега останува потешкиот дел од задачата да се реорганизира клупскиот фудбал, а нема да биде изненадување ако во следниот период УЕФА излезе со проект за европско реорганизирање и формирање на регионални првенства. Во контекст на сето ова е и најавата од комапнија регистрирана во Бугарија за формирање на регионално натпреварување „Мега Лига“ на просторот на Југоисточна Европа во која Вардар треба да биде дел од регионалната елита.

Во моментов под капата на ФИФА веќе се игра клупско СП со сите континетални шампионати во декември и ова натпреварување, кое го замени Интерконтиненталниот куп во Токио постои од 2004 година.