Охрид посилен од Татабања и судиите - со резултат за титула се враќа од Унгарија

Македонскиот суперлигаш Охрид ја победи Татабања со 29-28 во првиот финален меч од ЕХФ Европскиот куп и има одлична можност да ја освои титулата во ова натпреварување.

Охриѓани можеа уште денеска да го решат прашањето околу победникот бидејќи водеа во текот на целиот натпревар, на моменти и со седум разлика, но во второто полувреме мораа да се борат и со противникот и со молдавските судии кои решија да ги земат работите во свои раце. Во секој случај, резултатот е одличен и нема сомнение дека идната недела, пред 3-4 илјади навивачи во „Билјанини извори“ ќе имаат огромна шанса за првиот трофеј во клупската историја.

Охрид мошне рано ја презеде иницијативата, по 1-1 успеа да направи предност од 6-2 во 11. минута, за во 24. минута да ги достигне највисокит +7 (12-5). Татабања беше невидлива на теренот во првото полувреме, но во продолжение некако успеа да фати ритам. По 25-19, Охрид беше без гол повеќе од шест минути и Унгарците го искористија тоа за да ја достигнат негативата и да израмнат на 26-26 во 55. минута од мечот. Во тој период судиите досудија две исклучувања за охридските ракометари за сомнителни стартови, прво на клупа мораше да оди Прибетиќ, а потоа и Саревски, но Охрид во финишот сепак успеа да излезе посилен од нив.

Во драматичниот финиш, на пет секунди пред крајот гол постигна Ѓукиќ, поставувајќи го со тоа конечниот резултат на овој натпревар. Колку беше македонскиот тим во немилост на судиите, најдобро зборува фактот што дури 20 минути играше со играч помалку.

Иванковиќ и Ѓукиќ беа најефикасни во тимот на Охрид со по седум гола. Македонскиот репрезентативец во редовите на Татабања, Филип Талевски го заврши мечот со два гола. Реваншот во Охрид се игра на 31 мај.