Спектакл кај пирамидите и голема контроверза: Усик го нокаутираше Верховен на секунда пред гонгот (ВИДЕО)

Светот на боречките вештини беше сведок на една од најфасцинантните, но и најконтроверзни борби во модерната историја.

Украинскиот боксер Олександр Усик, апсолутен шампион во тешка категорија, успеа да го победи холандскиот колос на ММА и кикбокс, Рик Верховен, со технички нокаут во 11. рунда. Сепак, одлуката на судијата да ја прекине борбата буквално секунда пред крајот на рундата крена невидена прашина.

Местото на одржување на оваа историска борба беше магично - во Египет, со осветлените пирамиди во Гиза во позадина, додека спектакуларен огномет го кинеше небото. Украинецот, непоразен во својата професионална кариера, го стави својот WBC појас на коцка во финансиски исплатлив, но исклучително ризичен натпревар против борец без боксерско искуство. Ниеден експерт пред борбата не му даде шанса на Холанѓанецот, а единственото прашање беше во која рунда ќе биде исчистен. А, потоа дојде шокот.

Откако легендарниот Брус Бафер ја запали атмосферата, натпреварот започна, а Верховен, благодарение на значително поголемиот распон на рацете и необичното движење, веднаш ја презеде иницијативата и ја доби првата рунда. Иако Усик успеа да поврзе неколку силни аперкати во четвртата рунда и да ја стабилизира борбата, втората половина од натпреварот донесе драма каква што никој не ја предвиде.

Место Холанѓанецот енергетски да падне, тој беше доминантен во седмата рунда и ги натера коментаторите да се воодушевуваат на неговата борба. Усик влезе во десеттата рунда свесен дека победата му се лизга од раце и дека мора да оди на сè или ништо за да спаси „жива глава“ и беспрекорниот резултат досега.

Драмата го достигна својот врв во 11. рунда. Со 19 секунди до крајот, Усик успеа да изведе силен десен аперкат и да го собори Верховен. Холанѓанецот стана, со изгубен поглед, прими уште неколку удари во аголот, а потоа, точно секунда пред гонгот што ќе му донесеше спасение и пауза, судијата во рингот одлучи да ја прекине борбата! Тимот на поразениот Холанѓанец беше бесен, а самиот Рико Верховен по борбата го изрази своето разочарување. 

„Мислам дека борбата беше прерано прекината. Беше толку блиску до крајот. Имаше две опции - или да паднам, или да ја завршам рундата. Но, тоа не зависи од мене. Благодарен сум. Беше фер борба, секако дека би сакал реванш. Среќен сум што имав можност да се борам тука. Му благодарам на Усик што ја прифати оваа борба. Се надевам дека светот на боксот сега ќе ме препознае како боксер“, рече Верховен.

Веднаш во рингот почна да се подготвува следниот спектакл. Покрај Верховен, кој бара реванш, се појави и германскиот тешкаш Агит Кабајел, кој рече дека е „прв во редот“ и предложи борба на стадион во Германија. Во својата кариера, Усик има 25 борби и победи на секоја од нив од кои 15 со нокаут.