Соиграч на Барди заврши во притвор - дел е од скандалот кој ја тресе Турција!

Веќе некое време Турција ја тресе голем скандал со фудбалски работници и играчи кои се обложувале на натпревари.

Судот во Истанбул донесе одлука за притворање на 20 осомничени, меѓу кои и неколку професионални фудбалери како дел од истрагата која се води за овој случај.

Меѓу уапсените играчи се Мерт Хакан Јандаш од Фенербахче, Метехан Балтаџи од Галатасарај и сенегалскиот интернационалец Аласан Ндау, соиграч на Енис Барди во Коњаспор.

Јандаш има 31 година и запиша еден настап за турската репрезентација, Балтаџи е 23-годишен и своевремено важеше за стандарден член на турската У21 селекција, додека 28-годишниот Ндау има одиграно три натпревари за Сенегал.

Турската новинска агенција јави и дека во притвор се наоѓа и поранешниот потпретседател на Адана Демирспор, Мурат Санџак.

Минатиот месец Турската фудбалска федерација суспендираше дури 149 судии осомничени за вмешаност во обложување, а најновите притвори следат по голема акција минатата недела, кога 39 лица беа приведени под сомнение за нелегално обложување и наместени натпревари.

Фудбалерот на Галатасарај, Балтаџи, признал дека се обложувал, но додека бил млад играч, дополнувајќи дека од потпишувањето на договорот со Галатасарај немал такви активности. Играчот на Фенербахче, Јандаш, пак, е обвинет дека преку трета страна се обложувал на натпревари на неговиот клуб.