Лудница во Франција: Навивачи на Ница претепале двајца фудбалери од својот тим!

Фудбалерите на Ница, Жереми Бога и Терем Мофи, покренаа правна постапка против сопствениот клуб, откако беа претепани од сопствените навивачи по поразот од Лоријан (1-3), по што моментално се на боледување поради повредите што ги добиле.

Инцидентот се случил во неделата вечер, кога клупскиот автобус пристигнал во тренинг-центарот. Таму ги пречекале околу 400 бесни навивачи, кои го опколиле тимот и персоналот. Најлошо поминале Бога и Мофи, кои биле удирани со тупаници и клоци, плукани и навредувани, а дел од нападите, според сведоштва, биле насочени и кон нивните гениталии. Се споменуваат и расистички навреди кон двајцата играчи.

Бога добил пет дена боледување, додека Мофи нема да се врати на тренинзите најмалку до следната недела. Наводно, нигeрискиот напаѓач едвај успеал да влезе во клупските простории со помош на голманот Јеван Дјуф, кој го заштитил од толпата. Иако фудбалерите биле предупредени дека можат да очекуваат непријателски пречек уште на аеродромот, тимот сепак решил да се врати во тренинг-центарот. По пристигнувањето, двајца претставници на навивачите добиле дозвола да влезат во автобусот и да го изнесат своето незадоволство, но ситуацијата излегла од контрола при нивното излегување.

Ница, клуб во сопственост на Сери Џим Ретклиф — ко-сопственик на Манчестер Јунајтед — се наоѓа во длабока резултатска криза. Тимот има шест порази во низа и е паднат на десеттото место во Лига 1.

ФОТО: EPA PHOTO