Најава за голем хаос: ФИФА ќе ги менува правилата за ВАР пред СП 2026!
Една од најконтроверзните новини е можноста ВАР да се користи за корекција на погрешно доделени корнери — ситуација која, според ФИФА, може значително да го промени текот на важни натпревари. Се предлага и воведување на ВАР-преглед при доделување на втор жолт картон, со цел да се избегнат неправедни исклучувања. Идејата веќе е ставена во процедура на разгледување од ИФАБ, а ќе биде тема на официјалниот состанок во јануари.
На актуелниот Арапски Куп во Катар се тестира уште една новина - играч кој добива медицинска помош мора да го напушти теренот две минути, освен ако фаулот врз него не резултира со жолт или црвен картон. Намерата е да се намали симулирањето повреди и тактичкото одолговлекување.
Токму ваквите ситуации беа критикувани и од тренерот на Лидс, Даниел Фарке, кој алудираше дека голманот на Манчестер Сити, Џанлуиџи Донарума, „глумел“ повреда за Пеп Гвардиола да даде дополнителни инструкции. ИФАБ разгледува и правило кое би ги укинало головите постигнати по одбиен пенал. Ако голманот го одбрани ударот, топката би се сметала за „мртва“ и играта би продолжила без повторен обид. Поддржувачите сметаат дека пеналот веќе нуди доволна предност и дека новото правило би ги спречило неправилните влетувања во шеснаесетникот.
Иако расте поддршката за реформа на правилото за офсајд и избегнување милиметарски одлуки, новата дефиниција нема да биде готова за СП 2026. Најреална иднина е офсајд да се досудува доколку кој било дел од торзото на напаѓачот е пред последниот дефанзивец, но промената бара дополнителни тестирања и најрано би можела да стапи во сила во 2027 година.
ИФАБ, составен од четирите британски сојузи (по еден глас секој) и ФИФА (четири гласа), одлучува за сите измени во правилата. За усвојување е потребно шест од осум гласа. Сите потенцијални промени што ќе бидат одобрени ќе стапат на сила на 1 јуни 2026 година – непосредно пред почетокот на најголемото Светско првенство во историјата.
ФОТО: EPA PHOTO