КФМ потврди дека судиите не му помогнале на МЗТ во Битола, ама сепак ги – казни (ФОТО)

Неодамнешната победа на МЗТ Скопје над големиот ривал Пелистер (72-67) среде Битола е чиста како солза, без ниту една дамка без разлика на жалбата на домашната екипа на судењето на оваа средба, утврди комесарот во Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) со помош на видео-анализа на спорните моменти во која учествуваа уште тројца поранешни делители на правдата, а сегашни делегати односно контролори.

Заклучокот е дека судиите Ѓорески, Михајловиќ и Огненов „не биле целосно усогласени со посакуваниот стандард за судење во Суперлигата“ и дека тоа се однесува на одлуки од доменот на судиска проценка. Според комисијата за анализа, тие морале подобро да реагираат на одредени ситуации и дека при одредени ситуации морале да имаат поголема контрола, пред се кога Никола Малешевиќ морал веднаш да биде исклучен поради техничка грешка, откако претходно имал и неспортска грешка, а не дури откако било изведено едно слободно фрлање. И покрај сето ова, заклучоткот е дека тие „не влијаеле врз конечниот резултат“, односно врз победата на МЗТ Скопје. Поради ова, тројцата судии се казнети со суспензија од два натпревари, додека делегатот Дамески ќе паузира четири рунди поради „несовесно, неуредно и непотполно спроведување на одлуки, пропуст во навремена и правилна реакција“.

Пелистер освен загубените бодови се соочи и со сериозно „олеснета“ клупска казна поради паричните казни добиени по реакциите за време на средбата со актуелниот првак. Битолчани ќе мора да платат вкупно 122.400 денари поради неспортското однесување на техничкиот раководител Филип Ивановски и службениот претставник, Роберт Мартиновски. Двајцата се казнети со по 50.000 денари, додека останатиот дел „отпаѓа“ на санциите за добиените технички грешки.

Испразнета ќе биде и касата на Кожув и тоа по „заслуга“ на навивачите, кои фрлале тврди предмети и петарди, а и неспортски навивале поради што клубот ќе треба да плати вкупно 42.000 денари.