Хаос во Валенсија поради Димитриевски – ги боли што ја откри вистината зошто не брани!
Оваа изјава, според шпанскиот портал „Супердепорте“, кој важи за екстремно близок до „лилјаците“, ги вознемири тренерот Карлос Корберан, управата и дел од соиграчите на нашиот репрезентативен голман.
„Сезонава пристигна втор голман со клаузула дека мора да брани најмалку на 30-отсто од натпреварите. Тоа значи дека нема реална конкуренција. Без разлика дали јас бранам добро или лошо – ќе бидам надвор од составот, бидејќи во спротивно клубот ќе мора да плати пенали“, изјави Димитриевски.
Оваа реченица – иако е само потврда на факти кои се јавна тајна во фудбалскиот свет – експлодираше во Валенсија. Според порталот, клубот смета дека Македонецот „преминал граница“ со тоа што индиректно го довел во прашање професионализмот на тренерот и на колегата Агирезабала.
Тренерот Корберан, наводно, бурно реагирал на изјавата на Димитриевски, а претходно има и дадено коментар на оваа тема.
„Во Валенсија никој не игра по договор. Позицијата на голман е специфична. Некои клубови ротираат, некои држат континуитет, но изборот секогаш е спортски, не административен“, изјави тој на прес-конференција пред неодамнешниот натпревар во Купот на Кралот.
Иако клубот не ја негира клаузулата во договорот за позајмица на Агирезабала – која предвидува финансиска казна доколку не брани најмалку 30-отсто од мечевите – од Валенсија инсистираат дека тоа не е гаранција за место во стартниот состав. Шпанскиот медиуми се жали дека интервјуто на Димитриевски доаѓа во чувствителен момент, кога Валенсија се наоѓа во сериозна резултатска криза и блиску до зоната на испаѓање. Наместо фокус на тимската сплотеност, во клубот владеела нервоза и раздор.
„Македонецот пука во сите нас токму во момент кога треба да сме обединети“, пишува истиот шпански медиум.
И покрај бурните реакции, суштината на Димитриевски е едноставна - посочување на системски проблем кој не е непознат во шпанскиот фудбал – обврзувачки клаузули за настап во договори за позајмица. Димитриевски само ја кажа вистината која многумина во Валенсија не сакаа да ја слушнат.
Искусниот голман во моментов е со националната селекција, со која утре го чека пријателски меч против Летонија, а за една недела и исклучително важното гостување кај Велс. По неговото враќање дефинитивно го очекува средба со тренерот и управата, кои ќе бараат објаснување, кое секако ќе го добијат од нашиот Столе, кому при доаѓањето му беше ветено дека ќе брани, а не дека ќе дреме на клупата.
На крајот дури и клупскиот портал на Валенсија поентира во корист на Македонецот - Димитриевски не кажа ништо што не е вистина. Но вистината, како и секогаш, најсилно боли кога ќе излезе од уста на човек што има интегритет и кредибилитет.