Голем скандал на повидок: Иниеста вмешан во измама од над пола милион евра!

Поранешниот фудбалер на Барселона и легенда на шпанскиот фудбал, Андрес Иниеста се поврзува со измама вредна над половина милион евра, односно 518.000 евра.

Имено, фирми кои се во сопственост на Иниеста се обвинети за измама во која добиле пари од локални бизнисмени во Перу за настани кои никогаш не се одржале.

Иниеста важи за вистинска легенда во светот на фудбалот, а по повлекувањето од зелените терени се посвети на бизнисот отворајќи неколку фирми. Наводно, токму неговото име било тоа што ги привлекло бизнисмените да веруваат во проектите.

Настаните што наводно требало да ги организираат неговите компании „Never Say Never (NSN“) Barcelona“ и нејзината подружница „NSN Sudamérica“ од одредени причини не се одржале, а помеѓу останатите бил најавуван меѓународен фудбалски натпревар и поп фестивал.  Исто така се наведува и дека фестивалот кој носи име „Упа Упа Фест“, иако се одржал предизвикал огромни финансиски загуби.

Шпанецот не е посочен како главен виновник, туку се наведува дека бил „воден од погрешни луѓе“ кои имале за цел преку него да заработат.

Еден од оштетените даде и изјава во која зборува дека вложил илјадници евра.

„Никогаш не добивме никакво известување. Само дознавме дека компанијата е во ликвидација. Никој не презеде одговорност, иако требаше“, изјави Лозано.