Ќе патуваат седум дена и ќе прелетаат 36.000 километри за да одиграат - куп натпревар!
Задутре започнува седмата рунда, односно првата од главната фаза по шест квалификациски кола. Ова натпреварување е најуникатно во светот, бидејќи се одвива на четири континенти — Европа, Океанија, Африка и Америка — благодарение на учеството на клубови од француските прекуокеански територии.
Клубот ФК Милуз, член на француската петта лига, тргна на патување долго 36.000 километри до Нова Каледонија, каде ќе се соочи со домашниот тим Магента. Играчите ќе патуваат два дена, ќе имаат еден ден за одмор и потоа ќе го одиграат натпреварот. Вкупно, ќе поминат околу седум дена надвор од домот — само за една куп-утакмица. Францускиот куп е единствениот фудбалски куп во светот што опфаќа клубови од речиси сите делови на планетата.
Покрај континентална Франција, во него учествуваат тимови од Нова Каледонија и Француска Полинезија (Океанија), Реинион и Мајот (Африка), Француска Гвајана, Гваделупа, Мартиник, Свети Мартин, Свети Бартоломеј и Свети Петар и Микелон (Америка). Сите овие територии се француски прекуокеански подрачја, чии жители имаат исти права како граѓаните во Франција, вклучително и право на глас на националните избори.
Француската фудбалска федерација ги покрива сите трошоци за овие патувања, со што им овозможува на клубовите од прекуокеанските територии да бидат рамноправен дел од натпреварувањето. Во седмата рунда на Купот учествуваат 128 екипи, а 64 ќе продолжат во следната фаза, кога ќе се приклучат и екипите од Лига 1.