Милевски: Кога игра Македонија нема простор за штедење и калкулации!

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски го најави пријателскиот натпревар против Летонија, кој ќе биде тест пред важната пресметка со Велс во Кардиф во квалификациите за Светското првенство (СП).

Милевски кажа дека Атанасов и Муслиу нема да бидат во конкуренција за дуелот против Летонија, а воедно посочи дека нема да се штедат на пријателскиот меч.

„Сè уште не знам дали денеска ќе тренираат сите, ќе имаме појасна слика после тренингот. Сигурно е дека Атанасов и Муслиу нема да конкурираат за утрешниот меч, се надевам дека сите останати ќе бидат подготвени. Против Летонија нема да се штедиме бидејќи имаме пет дена одмор до мечот со Велс. Кога игра Македонија нема простор за штедење и калкулација, сите кои ќе играат ќе го дадат максимумот и ќе се обидеме да извлечеме колку што е можно повеќе и на физички и на тактички план. Има работи кои сакам да ги видам утре, пример како стоиме на физички план, сакам да видам на кое ниво сме, резултатот ќе биде важен, секако“, кажа Милевски.

Стратегот на Македонија смета дека треба да се оди на победа на секој натпревар зашто тоа носи поголема самодоверба.

„Победа секогаш носи поголема самодоверба за следниот натпревар, но секогаш ја гледаме пошироката слика и тоа како Македонија треба да изгледа не само против Летонија туку и во наредниот период. Колку и да личи како излитена фраза, секој следен натпревар е најважен. Додека сум јас секогаш акцентот ќе биде на тимот, секогаш имаме варијации, дали во напад или во одбрана, но секогаш мора да бидеме конкурентни на високо ниво. Не смееме некаде да сме послаби, а некаде подобри, сите позиции треба да бидат со висок квалитет. Ме радува што сме константни, што немаме осцилации веќе подолг период и тоа е правецот кон кој треба да се движи Македонија“, вели Милевски.

Македонија и Летонија играат утре од 18 часот.