Музети се крена од бездната и го победи Де Минор

Италијанскиот тенисер Лоренцо Музети остана во игра за пласман во полуфиналето од завршниот турнир во Торино откако вечерва, по голема борба го совлада Де Минор со 2-1.

Музети има исклучително напорна програма последната недела, а денешниот меч беше негов трет од саботата. По финалето во Атина, веднаш се пресели во Торино, вчера играше со Фриц, а денеска со Де Минор и навистина заслужува честитки за она што го покажа.

Го освои првиот сет, но потоа Де Минор израмни и имаше брејк во третиот. Се чинеше дека е готово кога при 5-3, Австралиецот имаше сервис за победа, но Музети се крена од бездната и со четири освоени гемови во низа, дојде до посакуваната победа која го одржува во игра за полуфиналето.

За да стигне таму, во третото коло ќе мора да го победи Карлос Алкараз и да се надева на триумф на Де Минор против Фриц што секако ќе биде многу тешко да се оствари.