Спалети дебитираше со победа, Јувентус влезе во победничка серија (ВИДЕО)

Најтрофејниот италијански клуб Јувентус ја оствари петтата победа во сезоната, втора по ред во Серија А откако вечерва на гостински терен го совлада Кремонезе со 2-1.

Со тоа официјално почна ерата на Лучано Спалети кој пред два дена беше назначен на тренерската функција во торинскиот гигант. За разлика од неговиот претходник, 66-годишниот стручњак се определи за мошне офанзивна формација и му даде шанса на Филип Костиќ кој досега само еднаш беше стартер и тоа во второто коло, против Џенова.

Токму српскиот интернационалец го отвори резултатот на денешниот меч, по само 90 секунди игра. Минималното водство на Јувентус траеше до 68. минута кога Камбијасо ја зголеми предноста, но кога се чинеше дека мечот е завршен, неизвесноста ја врати Џејми Варди кој погоди во 83. минута. Сепак, Кремонезе немаше сили да направи изненадување како она во првото коло против Милан, па Јувентус ги однесе бодовите од тешкото гостување.

Со неа се искачи на петтата позиција, со четири бода заостанување зад моменталниот лидер Наполи. Кремонезе падна на деветтото место, со можност утре дополнително да му биде влошен пласманот.