МОК не ги рецка федерациите - во Бордот стави доживотно казнет велосипедист!

Управниот одбор на Македонскиот олимписки комитет (МОК) одлучи велосипедистот Сашо Димитријоскида стане член на Бордот на МОК, но оваа одлука е спорна затоа што тој има доживотна суспензија од Велосипедската федерација на Македонија (ВФМ).

ВФМ преку соопштение жестоко реагираше на одлуката на УО и побара да ја преиспитаат одлуката која само уште еднаш го отсликува самоволието на челниците Македонскиот олимписки комитет.

„Велосипедската федерација на Македонија со длабока загриженост ја следи вчерашната одлука на Управниот одбор на Македонскиот олимписки комитет за избор на Сашо Димитријоски за член на Бордот на МОК.
Потсетуваме дека лицето има доживотна дисквалификација од Велосипедската федерација на Македонија и дека во тек е правна постапка за расчистување на сериозни наводи за кои јавноста е веќе запознаена. За оваа состојба МОК беше официјално информиран на 07.10.2024 но и покрај тоа ја донесе оваа одлука, игнорирајќи ја комуникацијата и статусот на својата членка – нашата федерација.
Велосипедската федерација на Македонија секогаш се залага за етика, фер-плеј и транспарентност во спортот, како и за тоа спортистите и спортските работници да бидат пример за младите генерации.
Во тој дух, апелираме до Комисијата за етика при МОК да ја преиспита оваа одлука и да ги примени одредбите од Етичкиот кодекс на МОК, според кои лице против кое се води правна постапка или е под суспензија не може да врши спортска функција сѐ додека не се расчисти неговиот статус.
Се надеваме дека додека траат правните дејствија, доделената позиција ќе биде замрзната, во интерес на заштита на угледот на македонскиот спорт и институциите кои го претставуваат“, стои во соопштението на ВФМ.