Фудбалската федерација дозволи - Виљареал и Барса можат да играат во Мајами

Од шпанска страна, повеќе не постојат пречки, дуелот меѓу Виљареал и Барселона на 20 декември да се одигра во Мајами.

Откако Ла Лига побара, Фудбалската федерација на Шпанија денеска даде дозвола за такво нешто и тоа ќе биде прв фудбалски натпревар од шпанското првенство што ќе се одржи на американско тло. Сепак, за дефинитивно да се случи тоа, дозвола треба даа дадат уште УЕФА и ФИФА иако не се очекува некој од нив да направи проблем.

„На состанокот на 11 август, Бордот на директори даде дозвола, дуелот меѓу Виљареал и Барселона од 17. коло да се одигра во САД“, стои во соопштението од Фудбалската федерација на Шпанија.

Мечот би се играл на Хард рок стадионот во Мајами, ќе го водат шпански судии и ќе биде нормален дуел од Ла Лига. Домаќин на натпреварот е Виљареал, тој требаше да се игра на Ла Серамика, но „жолтата подморница“ ќе ја пречека Барса далеку од својот стадион.