Марк Маркез гази кон деветтата светска титула

Шпанскиот мотоциклист Марк Маркез ја оствари петтата победа во низа, десетта ако се земат предвид и спринт трките и ја зголеми предноста пред своите ривали во Мото ГП.

Денеска тој триумфираше на трката за Големата натрада на Чешка во Брно, пред Марко Бецеки и Педро Акоста. За Маркез ова е осма победа оваа сезона во Мото ГП и сега е многу блиску до седмата титула во Мото ГП и вкупно деветта во кариерата ако се сметаат и оние во Мото 2 и 125цц. Шпанскиот возач има шест трофеи во Мото ГП, но последниот од нив го освои во 2019 година додека уште беше член на Хонда.

Трката во Брно не беше особено интересна, Маркез изби на чело на колоната по само пет круга и остана таму до крајот. Најдраматичниот момент беше забележан во вториот круг кога неговиот брат Алекс Маркез направи грешка и излета од патеката, а притоа го исфрли и Жоан Мир. Додека се случуваше тоа, Бецеки се проби и заслужено стигна до подиумот.

По 12 трки, Марк Маркез е на чело во генералниот пласман со 381 бода, 120 повеќе од неговиот брат Алекс, а некогашниот шампион Франческо Бањаја е третопласиран со 200 бода. Следната трка во Мото ГП шампионатот ќе се вози на 17 август за Големата награда на Австрија во Шпилберг.

фото: EPA photo