Звезда подготвува уште една бомба - Филип Костиќ

Црвена Звезда уште поамбициозно ја дочекува новата сезона во која сака да остави трага во Лигата на шампионите.

Прва желба беше Душан Тадиќ, но тој засега е недостапен, ама затоа пред два дена беше договорен Марко Арнаутовиќ и клубот веќе прави напори за уште една голема ѕвезда. Станува збор за српскиот репрезентативец Филип Костиќ кој е фудбалер на Јувентус, но последната сезона ја помина на позајмица во Фенербахче. Речиси една деценија беше стандарден во српската репрезентација, а најголемите успеси ги оствари со Ајнтрахт Франкфурт со кого триумфираше во Лигата Европа и беше прогласен за играч на сезоната во натпреварувањето на УЕФА.

Можниот трансфер на Костиќ во Звезда го најави германскиот весник Кикер, но јасно е дека белградскиот клуб ќе има голема конкуренција во Олимпијакос кој исто така е заинтересиран за овој фудбалер.