Двајца екс-вардарци денеска ќе се борат за втората титула во Лигата на шампионите

Бундеслигашите Фуксе и Магдебург денеска ќе го дадат новиот ракометен владетел на Европа откако вчера обезбедија пласман во првото „германско“ финале во Лигата на шампионите по 11 години.

Симпатиите на македонските љубители на ракометот, особено на навивачите на Вардар, ќе бидат на страната на тимот од Берлин поради присуството на двајцата поранешни играчи на овој клуб, а кои учествуваа во најголемите успеси во историјата на „црвено-црните“. Станува збор за српските интернационалци Дејан Милосављев и Мијаило Марсениќ кои ќе се обидат да стигнат до својата втора титула во елитното ракометно натпреварување.

Првата ја освоија со Вардар, но не во исто време. Марсениќ триумфираше во 2017 година кога Вардар во финалето го совлада ПСЖ, а Милосављев две години подоцна со триумфот против Веспрем. Интересно е тоа што двајцата по тие успеси заминаа во Фуксе, па Марсениќ има веќе седум, а Милосављев шестгодишен стаж во германскиот клуб.

Фуксе денеска има можност да ја освои првата титула во Лигата на шампионите во клупската историја. Досега има три трофеи во ЕХФ Европската лига, а минатата недела за првпат во своето постоење го крена шампионскиот пехар во германскиот шампионат. За разлика од Фуксе, Магдебург има четири титули во Лигата на шампионите (вклучувајќи го поранешниот Куп на европски шампиони), последната освоена во 2023 година. Денешното финале се игра од 18 часот во Келн.