Повеќе од два часа му требаа на Синер да го „скрши“ Серундоло

Најдобриот светски тенисер Јаник Синер обезбеди пласман во четвртфиналето од Мастерсот во Рим откако вечерва во два сета го победи Серундоло од Аргентина (7-6, 6-3).

Иако победи без загубен сет, далеку од тоа дека денешниот меч беше лесен за италијанскиот тенисер. Мечот траеше 2 часа и 17 минути, а Серундоло не се предаде ниту кога во вториот сет имаше два брејка негатива. При водство на 5-2 на Синер во вториот сет, Аргентинецот спаси две меч-топки, а домашниот тенисер ја искористи дури четвртата можност за триумф на овој натпревар.

Синер во моментов е во серија од 24 победи, оваа сезона има 10-0, а пласманот во четвртфиналето е 15. на Мастерс турнирите во неговата кариера. Таму ќе се сретне со подобриот од дуелот меѓу Мунар од Шпанија и Руд од Норвешка.