Жесток напад врз Влаховиќ: Момче, па ти не знаеш да играш фудбал!

Напаѓачот на Јувентус, Душан Влаховиќ, продолжува да се мачи со својата форма во тимот од Торино, што предизвикува фрустрации како кај навивачите, така и кај стручната јавност.

Србинот, кој беше една од најскапите инвестиции на клубот, е мета на остри критики поради недостатокот на голови и перформансите под водство на тренерот Тиаго Мота. Недостигот на реализација е секогаш чувствителна тема за врвните напаѓачи, а кај Влаховиќ ситуацијата дополнително се влоши со неговите изјави дека е принуден да игра повеќе дефанзивна улога. Тој неодамна истакна дека ваквите задачи го спречуваат да биде ефективен во нападот, но ваквото објаснување го налути Антонио Касано.

Поранешниот италијански репрезентативец без влакна на јазикот упати остра критика кон Влаховиќ, споредувајќи го со играчи кои не успеале да ги оправдаат очекувањата.

„Во Фиорентина одигра најдобри четири месеци во својата кариера, постигна 17 гола и изгледаше како да е непобедлив. Таму играше во офанзивен систем, а сега се жали дека во Јувентус треба да се брани. Но, проблемот е друг – за да играш фудбал, треба да знаеш да играш фудбал, а ти, Влаховиќ, не знаеш,“ изјави Касано, додавајќи дека напаѓачот не успеал да ја оправда огромната сума од 75 милиони евра платени за неговиот трансфер.

Слабата форма на Влаховиќ е тема на загриженост за Јувентус, кој се бори да го задржи чекорот со конкурентите во Серија А. Додека Србинот се обидува да најде решение на теренот, јавноста и стручњаците немаат трпение за повеќе неуспеси.