Везенков не сака повеќе да игра за Бугарија – ќе ја менува репрезентацијата!
Според новинарот Василис Скунтис, еден од домаќините на следниот Евробаскет има амбиции да го ангажира Саша Везенков, актуелниот кошаркар на Олимпијакос, кој минатата сезона настапуваше за Сакраменто кингс и кој со години наназад е репрезентативец на Бугарија. Кипар, како еден од организаторите на следното ЕП заедно со Финска, Полска и Летонија, сака да се претстави во најдобро светло пред своите навивачи, поради што досега го обезбедија настапот на Мозес Рајт, исто така од Олимпијакос, но очигледно не застануваат тука.
Следната цел им е Везенков, кој иако веќе настапувал за Бугарија, сепак, има опција да ја промени националната репрезентација благодарение на одредби во правилникот на Светската кошаркарска федерација. ФИБА дозволува кошаркари во одредени случаи да ја сменат својата репрезентација, дури и ако претходно играле за друга. Според правилникот, ова е возможно доколку се процени дека преминот ќе придонесе за развој на кошарката во новата земја, што во случајот со Кипар, кој нема силна кошаркарска традиција, ова правило би можело да биде искористено.
Сличен потег неодамна направи и Ерик Гордон, кој настапи за репрезентацијата на Бахамите во квалификациите за Олимписките игри. Дополнително, Везенков поседува кипарски пасош, што дополнително ги зголемува шансите за реализација на овој трансфер. Доколку овој потег се реализира, Кипар значително би го зголемил својот квалитет и шанси на претстојното Европско првенство, но останува да се види дали ФИБА ќе го одобри ваквиот развој на настаните.