Големо дерби во Тетово, Шкендија го пречекува Вардар

Денеска на програмата е осмото коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), во Тетово се игра големото црвено-црно дерби меѓу ривалите Шкендија и Тетово, интересно ќе биде и во Струга каде моменталниот лидер на табелата, тимот на Гостивар му гостува на актуелниот шампион.

Без разлика на амбициите и квалитетот на составите, кога играат Шкендија и Вардар секогаш е дерби. Тетовскиот тим денеска е голем фаворит против црвено-црните од Скопје кои сега се во стабилна финансиска состојба, но уште немаат состав за високи цели.

Двата тима загубија во претходното коло, Шкендија беше поразена од Гостивар, тоа за нив беше и прв пораз оваа сезона, Вардар го загуби мечот со Силекс со тој несреќен гол во судиското продолжение од натпреварот.

За Шкендија денеска се освен трите бода ќе биде неуспех. Атмосферата во Тетово ќе биде жешка, момците на Захариевски нема да излезат таму со бело знаме, ќе се обидат да останат непоразени и да го зголемат бодовното салдо.

Второто дерби денеска се игра крај Охридското езеро, шампионот Струга го пречекува лидерот Гостивар.

Од минатото коло Гостивар се искачи на врвот откако ја победи Шкендија, а стружани веќе три меча во серија не знаат за победа и веќе паднаа на петтата позиција на табелата.

Струга ќе се обиде да го добие мечот и да се врати на победничкиот колосек, но за противник има тим полн со самодоверба, но и квалитетен состав кој оваа сезона атакува на титулата.

Ова коло има и скопско дерби, Работнички на Арената „Тодор Проески“ го пречекува Шкупи, тоа е уште еден меч кој предизвикува внимание.

Тиквеш поради суспензијата на теренот, ќе го пречека Силекс во Кичево, Брера е домаќин на Пелистер, а во Гостивар ќе се сретнат Беса и Воска.

Сите натпревари се играат од 14 часот.

ПМФЛ 8. коло:
Шкендија - Вардар
Струга - Гостивар
Работнички - Шкупи
Тиквеш - Силекс
Брера - Пелистер 
Беса - Воска

Табела: Гостивар 15, Шкендија 14, Работнички 13, Силекс 12, Струга 11, Шкупи 9, Пелистер 0, Брера 8, Вардар 7, Беса 5, Тиквеш 5, Воска 5.